Почна изградбата на автопатот Скопје – Блаце: 10,5 километри со 5 тунели и 8 моста

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Долгоочекуваната изградба на втората фаза од автопатската делница Скопје – Блаце официјално започна. Станува збор за 10,5 километри сложена траса која треба да го поврзе Скопје со веќе изградената делница од 1,5 километар во близина на граничниот премин Блаце.

Предвидено е работите да завршат за четири години, а изведувач на проектот е домашната градежна компанија „Гранит“ АД Скопје.

Делницата ќе се гради на комплексен ридско-планински терен, поради што проектот опфаќа голем број тунели, мостови и други објекти. На трасата се предвидени пет тунели со лева и десна цевка, осум моста, 11 потпатници, четири галерии и девет потпорни ѕидови.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, на поставувањето на камен-темелникот истакна дека станува збор за еден од најсложените автопатски проекти во земјава.

Тој посочи дека изградбата ќе претставува сериозен предизвик и за проектантите и за изведувачите поради конфигурацијата на теренот и големиот број инфраструктурни објекти на релативно кратка делница.

Автопатот ќе има две одделни коловозни насоки, со по две сообраќајни ленти и лента за застанување. Вкупната ширина на автопатот ќе изнесува 27,5 метри.

Проектот се финансира со заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во износ од 167,6 милиони евра, како и грант од Рамката за инвестиции за Западен Балкан во вредност од 30,82 милиони евра. Дополнителни средства од буџетот на ЈПДП се обезбедени за експропријација, додека со грант-средства се финансира и ангажманот на проектантите Hill International и ADT Omega.

Според Трајановски, новиот автопат ќе овозможи пократко време на патување, поголема безбедност во сообраќајот и пониски трошоци за одржување на возилата.

Постојниот пат кон Блаце ќе остане во употреба како алтернативна сообраќајна врска за локалното население и останатите граѓани.

Автопатот има стратешко регионално значење бидејќи преку граничниот премин Блаце ја поврзува Македонија со Косово, а понатаму со Србија и со Албанија и пристаништето во Драч, како и со Црна Гора.

На свеченоста по повод почетокот на изградбата присуствуваа премиерите на Македонија и Косово, Христијан Мицкоски и Албин Курти, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, претставници на меѓународните финансиски институции и партнери во проектот, владини функционери, пратеници и амбасадори.