Почна изградбата на гасниот интерконектор со Грција – Мицкоски: Стануваме енергетска крстосница во регионот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова не е инвестиција во цевки и бетон туку стратешки влог во енергетската иднина на државата. Градиме темели на нова енергетска архитектура, стануваме значајна енергетска крстосница во регионот, порача премиерот Мицкоски на церемонијата со која се означи почетокот на изградба на гасниот интерконектор со Грција. Во близина на Неготино владина делегација, претставници на меѓународната заедница и на меѓународните финансиски институции денеска и официјално го означија стартот.

Со овој проект ќе изградиме 66,7 километри гасовод на македонска територија, со цевки со дијаметар од 700 милиметри. Како што кажа и директорот почетниот капацитет е 1,5 милијарди кубни метри гас годишно кој што може да се зголеми и до 3 милијарди. Тоа е енергија за раст, тоа е гориво за економијата, тоа е безбедност за иднината, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Стануваме дел од европската енергетска мрежа, порача премиерот. Министерката за енергетика Божиновска рече дека секој денар вложен во интерконекторот, се враќа во домашната економија.

-Ова не е само гасовод. Ова е мост кон европски енергетски пазари. Со ова стануваме активен дел од регионалната енергетска мрежа. Паралелно работиме и конечно да ги завршиме сите формалности да го ставиме во функција и продуктоводот за транспорт на дизел. Во тек се технички испитувања, очекуваме продуктоводот да биде ставен во наредните неколку месеци. Дополнително финализираме активности за гасна поврзаност со Србија, изјави Сања Божиновска, министерка за енергетика.

Вицепремиерот Меџити со порака дека гасниот интерконектор со Грција не е само инфраструктурен проект, туку јасна порака дека земјава знае каде оди, со кого се поврзува и каква иднина гради.

-Оваа инвестиција е значаен чекор напред кон поздрава животна средина. Со достапноста на природниот гас ние отвораме врата за замена на загадувачките горива, особено во општините каде се уште се користат дрва и мазут, вели Изет Меџити, вицепремиер и министер за животна средина.

Грчката амбасадорка Филипидоу рече дека овој интерконектор обезбедува регионална енергетска стабилност, а според евроамбасадорот Рокас ова е клучна инфраструктура која обезбедува безбедност, одржливост и конкуренција. Амбасадоракта на САД Агелер рече дека на овој проект се работи 7 години и неговата изградба е победа за сите во регионот.

-Како најголем производител на ЛНГ, САД сака нашиот гас да се пренесува преку овој гасовод наскоро. Сакаме да видиме економска сигурност и безбедност и регионален развој што тој проток ќе го донесе за сите нас, изјави амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер.

Интерконекторот ќе го гради кумановската фирма „Рапид Билд“, со која во мај беше склучен договор на близу 60 милиони евра. Треба да биде готов до 2027 година. Гасното поврзување со Грција ќе и овозможи на земјава да има повеќе извори на природен гас затоа што во моментот единствената врска за природен гас е преку Бугарија.