Почна реконструкцијата на улицата кон болницата „Козле“ – Граѓаните: Конечно се презема нешто!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Почнаа работите за реконструкција на улицата што води до Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, за кој постојано се жалеа родителите што ги носат малите пациенти на лекување, како и таксистите и другите возачи кои минуваа по него и велеа дека ги уништуваат автомобилите, известува новинарката на ТВ 21 Алмедина Исмаили.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, за ТВ21 изјави дека во соработка со Општина Карпош се врши целосна реконструкција на патот. Тој рече дека се гради нов потпорен ѕид, а завршувањето на работите се очекува до крајот на годината.

„Знаете, често користена делница е тоа, потпорниот ѕид беше во катастрофално лоша состојба, но и улицата. И, сега во моментов се прави изградба на нов потпорен ѕид и истовремено се работи на темелна реконструкција на улицата. Мислам дека беше неопходно, како еден дел од проектите што ги реализираме во Скопје, да биде ставен приоритет и на оваа делница за да може час поскоро да се реализира и да заврши голготата на нашите сограѓани. Апсолутно има алтернативно поврзување, но верувам дека до крајот на оваа календарска година ќе се заврши сo темелна реконструкција на целиот пат“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.

За граѓаните, состојбата на патот беше неприфатлива, па велат дека интервенцијата била неопходна, додека резултатите ќе ги оценат откако ќе завршат работите. „Се надевам дека ќе биде готово што побрзо…Катастрофа, време беше да се направи. Конечно, а кога ќе го завршат, ќе видиме“, велат тие.

Во Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ дневно се прегледуваат околу 100 деца од цела Македонија. Родителите кои ги носат децата на лекување во оваа болница постојано се жалеа на состојбата на улицата.

Болницата „Козле“ е изградена во 2015 година, а улицата што води до неа е долга околу 500 метри, но е во лоша состојба, како за автомобилите, така и за пешаците.