Почнаа ли опозициските партии да калкулираат и со датумот на одржувањето на предвремените парламентарни избори? Претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села во вчерашниот магазин на ТВ 21 Клик плус рече дека е можно предвремените избори да се одржат во октомври.
„Овие ќе работат за да влезат на избори во октомври. Претпоставувам. И јас мислам, ние како Алијанса за Албанците сме барале предвремени избори. Прво бидејќи морално е опозицијата да побара избори, второ, после 22 јуни не им останува ниту еден морален кредибилитет на било кој експонент на Владата и на било кој политички актер во државата, и од опозицијата, за да продолжи овој собраниски состав“, посочи Зијадин Села.
За ВМРО-ДПМНЕ октомври е прифатливо, дури велат што побрзо тоа подобро. На вчерашниот Извршен комитет на партијата беше донесена одлука за одржување протест на 18 јуни пред Владата, со цел, како што истакнаа да се сруши оваа Влада и да се оди на предвремени избори.
„Преземаме чекори со кои што апелираме дека изборите се решение и апелираме за што побрзи предвремени парламентарни избори затоа што практично власта на Ковачевски е една нелегитимна власт, така што сите предлози кои што се во насока за што поскори предвремени парламентарни избори на кои што ќе падне оваа ненародна власт се она што ние го поддржуваме и она кон кое што се стремиме“, вели Миле Лефков.
Но од СДСМ и овој пат повторија дека избори може да има само редовни.
„Протестот е демократско право на опозицијата. Но тоа што на Мицкоски му треба цел еден месец за да организира еден протест тоа говори за внатрешните проблеми што тој ги има за да ја задржи својата фотелја во белиот дворец. Парламентарни избори ќе се одржат во редовен термин и ќе бидат во 2024 година а ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски повторно на тие избори ќе добијат пораз и дебакл“, посочи Дарко Каевски.
Покрај најавите за протести, ВМРО-ДПМНЕ во Собранието спроведува активна блокада, се со цел да се издејствуваат предвремени парламентарни избори.
