Почнува „ловот“ на милијарди за железницата, над 15 европски и светски банки ќе бидат повикани да финансираат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денеска или најдоцна утре Министерството за финансии ќе упати писма до над 15 комерцијални европски и светски банки како и до финансиски институции за да видат дали ќе ја финансираат брзата железница во вредност од една милијарда и 910 милиони евра. Повикот ќе трае до крајот на месецот. Според Министерката за финансии освен што се донесе одлука нејзиното министерство да го испрати писмото во рок до пет работни дена, на владина седница бил презентиран и документ кој содржел информации зошто банките би требало да го финансираат овој проект.

„Вие велите немаме, јас велам имам некаква информација. Ве молам прашајте во Министерството за транспорт. Јас не сум министерот кој што го прави проектот. Јас на влада сум добила информации и ме задолжиле. Тие информации ги разгледала цела влада. Колективен е орган во одлучувањето. Ние сме си ги кажале нашите видувања во однос на информацијата која што сме ја добиле и врз основа на тоа понатаму не задолжиле да си продолжиме постапка во прибирање на податоци.“, вели Гордана Димитриеска – Кочоска.

Инаку, во документот со кој се бараат пари од банките клучен аргумент е дека оваа брза железница е од стратешка важност за Македонија, но и за Европската Унија, како од транспортен, така и од еколошки аспект. Се наведува дека еден километар би чинел околу 8,8 милиони евра, или ако тоа се пресмета на изградба на 200 километри двоколосечна пруга тоа би чинело 1,76 милијарди евра. Изработката на проектната документација, основниот проект, надзорот и експропријацијата би чинеле уште 250 милиони евра. Со ова, вкупната сума на пругата би била две милијарди и 10 милиони евра, од кои милијарда и 910 милиони ќе бидат од странските банки, а 100 милиони од буџетот на државата.

Димитриеска Кочоска вели дека во јавноста лошо се пренесува дека ние сме се задолжиле кај Велика Британија.

„Прво, не го зимаме кредитот од Велика Британија. Навистина, многу се изместија работите во начинот на кој што се комуницираат. Ние склучивме договор за соработка со Велика Британија, каде што Британската експорт банка е таа која што ќе даде гаранција дека доколку не го враќаме кредитот, тие ќе го вратат во наше име што, во суштина, значи нашиот кредитен рејтинг на некој начин го подобруваат за да може да добиеме пониски каматни стапки. Суштината и конекцијата помеѓу нас и Британската банка е во тој дел.“, вели министерката.

Министерката за финансии останува на познатиот став дека ова задолжување нема да го зголеми јавниот долг и дека се е под контрола. Таа апелираше да не се создава во јавноста фама околу ова прашање, бидејќи тоа може да влијае на каматите што ќе ги добиеме за еврообврзницата која се планира за наредната година, а со која ќе треба да се вратат 700 милиони евра од старо задолжување.