Започнува реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни зафати во Општина Чаир – целосната реконструкција на улицата „Ферид Мурат“. Проектот денеска го најавија градоначалникот Изет Меџити и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Со реконструкцијата е предвидено целосно асфалтирање на улицата, уредување на две коловозни ленти во двете насоки, изградба на стандардирани тротоари и велосипедски патеки од двете страни. Воедно, ќе се воспостави организиран паркинг-простор со капацитет за околу 200 возила, како и нов систем за јавно осветлување.
Проектот се реализира во соработка со Светска банка и Министерство за транспорт и врски. Според најавите, улицата има особено значење за локалната заедница, бидејќи ги поврзува населбите, го олеснува секојдневното движење и придонесува за економскиот развој на општината.
Меџити истакна дека вложувањата во инфраструктурата значат подобра безбедност, поефикасен сообраќај и повисок квалитет на живот за граѓаните. Тој нагласи дека општината ќе продолжи со проекти кои ги унапредуваат јавните простори и создаваат функционална и уредена урбана средина.
Од локалната власт изразија благодарност до институционалните партнери за поддршката, како и до граѓаните за довербата и трпението за време на изведбата на работите.
