Почнува реконструкцијата на охридкиот аеродром, треба да заврши до јуни – Мицкоски најави 2.000 гости дневно вон сезона кои ќе остават 85 милиони евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Околу 2.000 гости дневно на охридското крајбрежје вон сезона кои би донеле над 85 милиони евра приходи надвор од сезоната најави премиерот Христијан Мицкоски на денешното означување на почетокот на реконструкцијата на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Рече дека разговараат со голем број туроператори кои организирано треба да носат туристи на охридското крајбрежје, а со еден се пред склучување договор. Тој  надвор од сезоната треба да донесе околу половина милион ноќевања.

„Анализите покажуваат врз основа на досегашната соработка со овој тур-оператор, дека гостите кои што тие ги носат, дневно трошат вклучително со сместување и останатите трошоци просечно околу 170 евра, што ќе каже дека надвор од сезоната ќе имаме само во туризмот и угостителството на охридското крајбрежје, отприлика околу 85 милиони евра што мислам дека ќе биде додадена вредност за економијата во овој регион“, вели Христијан Мицкоски.

За премиерот реконструкцијата на аеродромот во Охрид е историски момент. Очекува годинава двоцифрен раст на патници на двата аеродрома. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, изрази надеж дека отворањето на реконструираниот дел на охридскиот аеродром ќе биде во јули. Оваа година очекувам над 3,5 милиони на двата аеродрома, а веќе следната година ќе таргетираме над 4 милиони патници на двата аеродрома, рече Николоски.

„Ова практично се случува во оваа големина и на овој начин прв пат откако аеродромот е изграден. После добивањето на концесијата со ТАВ се прошири и се модернизираше аеродромската писта, а сега еве прв пат имаме сериозно проширување, надградување и реконструкција на аеродромот што треба да донесе 4.500 метри квадратни функционален простор, што е некаде зголемување за 2.500 квадратни од постојниот простор“, вели Александар Николоски.

Според генералениот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, во текот на градежните активности, функционалното работење на аеродромот ќе продолжи.

„Охрид е срцето на македонскиот туризам, место на историја, убавина и толо гостопримство. Искрено верувам дека може да блесне уште посветло на светската сцена, пречекувајќи се повеќе посетители и гости за тие да го доживеат неговиот шарм“, вели Неџат Курт.

Тав инвестира 2,7 милиони евра во реконструкцијата на охридскиот аеродром. Градежните работи кои, како што беше најавено, ќе му дадат целосно нов лик на аеродрмот, е предвидено да завршат до крајот на мај.