Поддршка од функционери, здруженија, активисти: Масовен одзив за бојкот на маркетите в петок во Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повикот за бојкот на маркетите во петок поради енормното зголемување на цените, ги мобилизираше граѓаните. На социјалните мрежи даваат масовна поддршка на бојкотот. Поддршка стигна и од функционери, граѓански организации, активисти.

Утринава во сандачињата во згради во некои делови на Скопје беа ставени летоци со повик граѓаните да се воздржат од купување, за да се изврши притисок врз трговците.

И премиерот Мицкоски има разбирање за повикот за бојкот. Имал средба со Комисијата за заштита на конкуренцијата, министерот и заменикот- министер за економија и Директорот на пазарната инспекција. Наложил засилени контроли. Но, најпрво на двата ланци на маркети кои ги посочија новинарите на вчерашната прес-конференција.

-Денеска истите тие ќе подлежат на ригорозна контрола, и деновите кои што следат, бидејќи според информациите со кои што располагаме имаме отприлика околу дваесетина илјади коминтенти по ланец супермаркети, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Од Комисијата за заштита на конкуренцијата, која треба да го спроведе Законот за нефер трговски практики, акции на терен најавуваат од наредната недела.

-Од наредена недела комисијата планира да излезе и на терен, со цел да, мислам да го исконтролираме законот за нефер трговска практика, односно дали с еусогласени и договорите помеѓу добавувачите и трговците, изјави Малинка Силјановска Николиќ, претседателка на комисијата за заштита на конкуренција.

По средбата со премиерот, министерот за економија Бесар Дурмиши излезе со поддршка на ФБ за бојкотот на маркетите. Вели претходната влада ги толерирала трговците, кои за дополнителен профит преку нереалните зголемувања на цените дополнително се богателе на грбот на граѓаните.

Од големите ланци на маркети засега нема никаква официјална реакција.
Од Стопанската комора за ТВ 21 велат дека за да се разгледаат евентуални мерки, потребно е организаторите на бојкотот да формираат организационен одбор и побараат средба.

Од Сојузот на стопански комори пак велат дека цените не се проблем само кај нас, туку глобално.

Со протести не верувам дека ќе се реши проблемот, затоа што тоа нема да ги намали цените и нема да ги намали потребите на овие производи, изјави Орце Симов, потпретседател на ССК.

Инаку масовна мобилизација на граѓаните има во целиот регион. Во Хрватска веќе имаше бојкот минатиот петок и се покажа успешен. И на социјалните мрежи во Босна и Херцеговина се шират повици за бојкот в петок, а веќе се мобилизираат и граѓаните на Црна Гора, Србија и Словенија.