Поддршка од Хрватска на ЕУ патот – Јандроковиќ: Знаеме дека имате проблеми но се надевам ќе успеете

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ја имате нашата поддршка да истраете на патот кон Европската унија а Хрватска останува силен партнер на Македонија во евроинтегративните процес порача претседателот на хрватскиот Сабор Гордан Јандроковиќ. Тој ова го изјави на заедничката прес конференција со претседателот на Собранието Африм Гаши откако утринава беше пречекан со високи државни почести.

Хрватска е силен поддржувач на македонскиот пат за полноправно членство во Европската унија. Знаеме дека имате проблеми, го следиме вашиот пат веќе долги години, имавте навистина тешко остварено членство во НАТО, сега се обидувате и верувам дека ќе успеете да ги надминете сите препреки кои стојат на патот за полноправно членство во Европската унија. Ние ве охрабруваме на тој пат, претседателот на хрватскиот Сабор Гордан Јандроковиќ.

Гаши пак рече дека во фокусот на нивните разговори било зајакнувањето на меѓупарламентарната соработка. Тој потсети на моментот кога пред 12 години Македонија и Хрватска заедно го почнаа процесот за пристапување во Европската унија.

-Силно верувам дека Хрватска е примерот од кој можеме да научиме како да ги спроведеме реформите и интегративниот процес во Европската унија. Потсетувам дека двете земји во истата година го потпишаа Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската унија а денес Хрватска веќе 12 години е полноправна членка, додека за жал Северна Македонија заостанува во овој процес поради добро познатите пречки, изјави претседателот на Собрание, Африм Гаши.

Јандроковиќ се обрати и пред пратениците зборувајќи за превирањата кои се случуваат на глобалната политичка сцена.

-Последните недели и месеци сведоци сме дека визијата на мирот и патот до него не се идентички од двете страни на Атлантикот. Тоа не повикува на дополнителни напори за нашите позиции да ги приближиме. Стоиме цврсто на принципиелната позиција а тоа дека со се што долгорочно може да се влијае на иднината на Украина не може да се разговара без Украинците и без полно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, изјави претседателот на хрватскиот Сабор Гордан Јандроковиќ.

Јандроковиќ оствари средби и со претседателката Гордана Силјановска Давковка како и со премиерот Христијан Мицкоски. Тој вчера во хрватската амбасада се сретнал и со Хрватите кои живеат во земјава.