Коалицијата СДСМ – Беса ќе има заедничка сметка само за предизборната коалиција, а според законот СДСМ ќе има свои минути за телевизиско рекламирање, а Беса исто така, свои минути за рекламирање, појасни за ТВ21 членот на ДИК, Енвер Салихи.
„Заедничката сметка е за сите трошоци на коалицијата во текот на кампањата додека рекламирањето на политичките партии не се однесува на заедничката сметка, бидејќи рекламирањето на политичките партии зависи од добиените гласови на политичка партија на последните парламентарни избори, каде член 2 точка 10 е прецизен за тоа кој е дел од опозицијата, значи политичките партии кои биле во опозиција и кои добиле најголем број гласови“, вели Енвер Салихи.
Наспроти тврдењата на Салихи кој како член е предложен од Беса, неговата колешка предложена од ДУИ, потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху зборува порезервирано во однос на прашањето за минутажата и сметката, за која вели дека ќе се донесе одлука кога и официјално СДСМ и Беса ќе ги достават листите, рок кој истекува на полноќ на 12 март.
„За медиумскиот дел, деловникот го носи Агенцијата за медиумски услуги, а што се однесува до парите, да не зборуваме хипотетички за тоа што ќе се случи. Ние ќе знаеме што ќе се случи по доставување на листите. Ние како орган одлуката ќе ја донесеме со консензус и ќе бидете информирани навреме за тоа што ќе се случи“, истакна Дитмире Шеху.
ТВ21: Во опозицискиот блок ќе биде ВМРО-ДПМНЕ и Беса и во блокот на власт, СДСМ и ДУИ?
Д.Ш.: Врз снова на Изборниот законик и зависно од моментот, таква е моменталната состојба.
Според Изборниот законик, во делот за финансирање, 45% им припаѓаат на најголемите партии на власт и 45% на двете најголеми опозициски партии кои на последните избори освоиле најмногу пратенички места. Останатите 10% се делат меѓу другите партии.
Освен тоа, СДСМ и Беса посебно ќе имаат и членови во Изборните совети, СДСМ своите како партија во владата а Беса своите како опозиција. Истото ќе се случи и со другите две партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. ДИК денеска им испрати барање на четирите партии да ги пријавата своите членови за Изборните совети.
