Горештините ги зголемуваат интервенциите на итната помош – колапси во автобуси и на јавни места, лекарите апелираат на внимателност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Само денес до пладне, екипите на итната медицинска помош во Скопје интервенирале во четири случаи, додека на дневно ниво информираат дека имаат по 200 повици.

Еден од случаите е повозрасна жена која доживеала колапс во градски автобус и се здобила со повреди на главата, раскажува докторот Ријад Реџепи.

Високите температури кои ја зафатија земјата влијаеле врз зголемувањето на бројот на повици во Службата за итна помош и интервенции, главно кај лица со хронични заболувања, повозрасни лица и граѓани кои биле изложени подолго време на сонце.

„Освен што имаат колапси поради губење на свеста, се здобиваат и со различни повреди. Само денес имавме три до четири такви случаи, кои добија и повреди на главата. Сите пациенти се однесени во соодветните болници. Исто така, зголемен е и бројот на лица кои бараат само консултации, бидејќи поради високите температури имаат варијации на артерискиот крвен притисок.“, вели Ријад Реџепи.

Според лекарите, најчести се случаите на дехидратација, замор од топлина, пад на крвниот притисок, вртоглавица и влошување на состојбата кај пациенти со кардиоваскуларни и респираторни заболувања.

За да се остави простор за поитните случаи, докторот Реџепи апелира првично консултациите да се прават со матичен лекар.

„Имаме од сите возрасти, нормално повеќе се повозрасните лица, тие што се јавуваат за совети, бидејќи живеат сами и немаат членови од семејството кои би ги однеле да им ја купат соодветната терапија или не ја земале терапијата еден месец и се консултираат како да постапат со терапијата што ја имаат дома. На јавни места најмногу се појавуваат лица од поодмината возраст, односно најмногу во автобуси.“, вели Ријад Реџепи.

Реџепи ги повика граѓаните да избегнуваат излегување во најтоплите часови од денот, да консумираат што повеќе течности, да престојуваат во свежи простории и да ги почитуваат препораките на здравствените власти.

Посебна грижа се препорачува за повозрасните лица, децата, бремените жени и лицата со хронични заболувања, кои се сметаат за најризични категории од високите температури.