По 20 години ветувања, денеска е подигнат споменикот во чест на војската на ОНА. Висок е 20 метри, а е поставен кај комплексот на паднатите борци во Слупчане, каде почиваат паднатите борци во војната во 2001.
„Инспирацијата за овој споменик е од Призренската лига, инспириран од висината на нашите војници и на чело со орелот кој набљудува постојано.“, рече Садула Дураку екс член на генерал штабот на ОНА.
Чинеше околу 200 илјади евра, а буџетот е издвоен од општина Липково, чиј градоначалник е од редовите на ДУИ. Функционерите на ДУИ ги предводеше лидерот на партијата Али Ахмети кој коментирајќи ги гласините за законската основа на овој споменик, рече дека истиот не е за да не разделува туку да не обединува. Според него дури и ја зголемува довербата во Рамковниот договор без кого, според Ахмети, земјава ќе беше во незавидна положба.
„Славата им припаѓа ним, на тие кои градат мостови, а не на тие кои газат врз мостовите. Затоа нашата слобода, темелите на нашиот мост се во крвта и таа крв се овековечува, овде, кај овој споменик, не случајно реков, ако земјата што нè храни имаше јазик да зборува, морници по телото ќе ни лазеа, сиот тој отпор и борби завршиле само како спомени за среќа се зачувани во рапсодиите но не и во вечноста, како оваа вечност која е пред нас, која им е дом на сите тие кои паднале, е заеднички дом на сите нив, а ние, народот, вечно ќе ги паметиме“, вели Ахмети.
Стекнатата слобода, како во Македонија така и во Косово, според Ахмети е добиена со жртви, а најзаслужни се паднатите борци.
„Оваа земја има иднина. Ги слушнав медиумите дека се подига овој споменик, коментари од сограѓаните, или од творците, новинарите и македонските публицисти. Овој споменик не нè дели, овој споменик нè обединува. ОНА е дел од историјата на оваа земја, оваа земја не може да има историја без ОНА. Не може да има историја без најголемото постигнување, Рамковниот договор како резултат на оваа војска. Иднината на оваа земја е Преспанскиот договор, кој нè зачлени во НАТО“, рече Ахмети.
На одбележувањето на 2 Мај и подигањето на споменикот, учествуваа и роднини на паднатите борци и ветерани од војната, а манифестацијата беше одбележана со читање поезија и песни.
