Подната фонтана на плоштадот во Скопје повторно ќе проработи по долгогодишна нефункционалност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Подната фонтана на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје повторно ќе биде ставена во функција по повеќегодишна нефункционалност, информираат од Град Скопје.

Од Градот посочуваат дека во тек е темелна реконструкција на фонтаната, која, како што велат, не се сведува само на сервисирање на постојната опрема, туку опфаќа целосна обнова на системот.

Во рамки на интервенцијата се поставува специјализирана опрема произведена во Германија, како и автоматизиран систем кој бара прецизно усогласување и повторно воспоставување на целосната функционалност на фонтаната.

Паралелно се вршат и конструктивни зафати. Постојната подконструкција од пластични носачи, која ги поддржуваше бетонските плочи со тежина од околу 100 килограми по елемент, се заменува со нова конструкција од иноксни профили. Новото решение е проектирано да издржи поголеми механички оптоварувања, со што, според Град Скопје, ќе се подобрат стабилноста, безбедноста и долговечноста на системот.

Со реконструкцијата, фонтаната треба повторно да стане едно од препознатливите места во центарот на градот, наменето за средби, прошетки, детска игра и фотографии.

Во исто време, се заменуваат и оштетените плочки на потегот од Порта „Македонија“, со што, според надлежните, централното градско подрачје треба да добие поуреден и побезбеден изглед.

Од Град Скопје велат дека активностите се дел од пошироките заложби за обновување на јавните простори и подобрување на градската инфраструктура.