Поглаварот го прогласи „мртов“ коронавирусот – Реисот го честиташе Бајрам, со маски и на растојание – му честитаа и веридба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

5 наутро. Во џамијата Мустафа Паша во Скопје, дежурните ги спремаат просториите каде што ќе се одржи молитвата за Фитр Бајрам. Утринската,  како што се очекуваше, не се одржа во џамија. Но, верниците задоволни што барем им се дозволи молитва за Бајрам во џамија.

„Главна е молитвата“, вели верник.

Желбата за молитва во џамија не ја спречува ништо.

„Јас сакам во име на здружението на лица со посебни потреби, да им го честитам овој посебен ден на лицата со посебни потреби“, истакна верник.

Повеќето носеа маски и свое чергиче за клањање, така како што беше апелирано. На тие кои немаа маски, им беа делени од џамијата.

„Ние треба да ги следиме препораките од МЗ и ИВЗ, на тие кои немаат маска, ние им делиме доброволно, ние кои ја презедовме таа иницијатива“, порача верник.

На влезот од џамијата имаше маса со средство за дезинфекција на рацете.

За одржување растојание внатре поставени се ознаки каде треба да се стои.

Ако внатре растојанието е постриктно, надвор не беше така, меѓутоа дворот не е преполн, дури имаше и слободен простор.

Верниците задоволни и ги почитуваа мерките за заштита.

„Многу успешен испадна овој Фитр Бајрам, со среќа на сите верници“, вели верник.

Бидејќи полицискиот час започна во 11 часот, за ТВ21 рекоа дека овој пат празникот ќе го поминат во кругот на најблиските.

„Ќе се помолиме за Бајрам, ќе одиме дома да прославиме Бајрам со најблиските, оваа година треба така да биде“, истакна верник.

„Јас од тука ќе одам дома. Со моето семејство, некој сок, благо, на интернет, ќе зборувам со Европа, не сакам да ги кршам правилата“, додава верник.

Централната церемонија и оваа година се одржа во Мустафа Паша, но за разлика од минатите години, немаше посебна програма.

Овде се помоли и поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи со дел од Ријасетот. Тој посака следните Бајрами да се дочекаат во подобри услови и со победа над злото, како што е коронавирусот кого го прогласи за “мртов“.

„Да очекуваме во наредниот период секогаш да победуваме. Лошото да го победиме, и да знаете дека КОВИД-19, можам слободно да го прогласам дека е умрен од денеска, со оглед дека ние го победивме и заради тоа сме тука“, истакна реисот Сулејман Реџепи.

Честики до муслимански верници испрати и државниот врв со желба за мир, здравје среќа и соживот.