Иран и Израел разменуваат нови бранови ракетни напади додека конфликтот влегува во деветтиот ден, без знаци за дипломатско решавање.
Иранските медиуми објавија дека израелските воздушни напади погодиле нуклеарен објект во градот Исфахан преку ноќ, активирајќи го системот за воздушна одбрана. Локалните власти велат дека немало истекување на зрачење.
-Рано во саботата, ционистичкиот режим изврши напади врз некои точки во Ленџан, Мобараке, Шахреза и Исфахан. Тие предизвикаа штета на тие локации. Нападите вклучуваа два удари врз нуклеарната централа Исфахан, изјави Акбар Салехи, заменик-гувернер на покраината Исфахан.
Иран испали нов бран ракети во централен Израел. Портпаролот на пожарникарите изјави дека ирански дрон погодил зграда во северен Израел, предизвикувајќи штета, но нема повредени.
-Тука сме на местото каде што падна дрон. Гледаме удар врз едно од возилата. Куќата во близина беше погодена. Куќата веднаш до неа беше оштетена. Пожарникарите брзо пристигнаа, го пребараа местото и го изгаснаа пожарот во зградата. За среќа, немаше повредени, изјави Ашер Битон, противпожарна служба на северен Израел.
Стотици израелски, но и странски државјани го напуштаат Израел.
-Некако се чувствуваш виновно кога го напушташ, својот дом кога се случува, сè e тешко. Некако се чувствуваш како да ги напушташ своите луѓе. Мислам дека тоа е веројатно, најтешкиот дел од сè. Би рекла дека е исто така навистина застрашувачки затоа што, знаете, тоа е нашиот дом. И не сме навикнати да мора да трчаме во засолништа и да не спиеме поради сите овие сирени. И тоа е едноставно депресивна состојба на умот, изјави Менуша Голдберт, евакуирана од Израел.
Војната меѓу Израел и Иран избувна на 13 јуни, со израелски воздушни напади насочени кон нуклеарни и воени објекти, врвни генерали и нуклеарни научници.
Најмалку 657 лица, вклучувајќи 263 цивили, загинаа во Иран, а повеќе од 2.000 се ранети.
Според извештаите, најмалку 24 лица во Израел загинаа во Иранските напади, а стотици се ранети.
