Договорот за минималната плата да изнесува 18 илјади денари кој ќе важи од мартовската плата ќе опфати околу 80 илјади работници, што значи околу 13 проценти од вкупниот број вработени. Со ова зголемување минималната плата Македонија повеќе нема да се вбројува во земјите со најниска минимална плата и таа ќе изнесува 62 проценти од просечната плата што е највисок процент во Европа. За до овој договор да се стигне, Владата се согласи да ја покрие разликата во делот на придонесите од сегашната минимална плата до онаа која е договорена односно до 18.000 денари. Ова пак ќе има влијание врз Буџетот од околу 16 милиони евра до крајот на годината. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека зголемување на минималната плата најмногу ги опфаќа вработени во микро и малите претпријатија.
„Постигнавме уште една важна согласност да ги промениме критериумите за методологијата за годишно усогласување на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот. Третиот критериум и новина, висината на минималната плата нема да може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика“, вели Димитар Ковачевски.
Синдикалниот лидер Дарко Димовски во изјава за ТВ21 веднаш по постигнувањето договор во Влада, рече дека е усогласено и второто барање за скалесто покачување на другите плати. Димовски рече дека со ова најавата за штрајк е ставен во мирување, но рече дека ќе инсистираат и на нивното трето барање за регрес на сите вработени.
„Минимална плата од 18 илјади денари како и скалесто зголемување на сите останати плати согласно членот 8 од Законот за минимална плата каде што кажува дека минималната плата ако се зголеми истите плати согласно тој член треба да се усогласат или зголемат согласно покачувањето на таа минимална плата. Нашето трето прашање кое е регресот во јавниот сектор е се уште отворено и на Владата им соопштивме дека одиме понатаму и бараме регрес или К-15 за целиот јавен сектор, значи тука зборуваме образованието, здравството војската, полицијата и здравствените работници и така натаму“, вели Дарко Димовски.
Владанка Трајковска од Организацијата на работодавачи вели дека допрва ќе се прават проценки какво ќе се одрази зголемувањето на минималната плата во работењето.
„Ова е нова одлука за нас со нови методологии и нов пристап, од таа причина ќе мора дополнително да го консултираме нашето членство и дополнително да излеземе со став на членството по однос на реперскусиите на минималната плата врз нивното работење и врз процесите на продуктивно работење во иднина“, посочи Владанка Трајковска.
Моментално минималната плата изнесува 15.200 денари, а договореното покачување ќе го зголеми минималецот за 2.800 денари што е за околу 45 евра.
