Дел од настраданите во пожарот во Кочани се здобиле со изгореници од прв и втор степен, но три лица се здобиле и со изгореници од четврти степен, додека четири лица се здобиле со скршеници на ребрата. Причина за смртта на повеќето од 59-те жртви во Кочани е задушување директно предизвикано од пожарот, соопшти раководителот на Институтот за судска медицина Александар Станков. Потенцираше дека се очекува во март да завршат сите анализи и потоа да бидат доставени до обвинителството.
Станков рече дека се спроведени две методи за идентификација, со ДНК и дактилоскопија, појаснувајќи дека карбон моноксидот е многу опасен гас.
Деканот на Медицинскиот факултет во Скопје Светозар Антовиќ и раководителот на Институтот за судска медицина Александар Станков соопштија дека по трагичниот настан во Кочани за многу кратко време се извршени 59 обдукции и идентификувања. Тој рече дека формирале шест тимови, составени од форензичари, патолози и екипи на МВР. Облеката на жртвите и личните предмети пронајдени при обдукцијата се наоѓаат во Институтот и се во надлежност на јавното обвинителство.
