Власта и опозицијата во отворен политички судир околу донесувањето на новиот Изборен законик, кој влезе во собраниска процедура по скратена постапка. Во обид да се деблокира, координаторите на пратеничките групи денеска на заедничка маса во обид да ги надминат несогласувањата. Од СДСМ и денеска отворено најавија дека ќе го блокираат Изборниот законик при што најавија дека ќе поднесат 10 илјади амандмани.
-Мицкоски вели дека Владата ги прифатила сите предлози на опозицијата. Тоа не е вистина. Не знаеме на кого мисли, бидејќи СДСМ и луѓето околу Фронтот за вистина и правда се единствената реална опозиција во Македонија. Се друго е театар. СДСМ го блокира законот за да спречи изборен грабеж и затоа што одбива да учествува во уште еден закон скроен по мерка на организираната криминална група ВМРО, во момент кога владата не исполни ниту еден сериозен реформски услов кон ЕУ, велат од СДСМ.
Блокирање на Изборниот законик најавија и од Левица.
-Граѓаните треба да знаат дека правилата на игра ги одредува Изборниот законик. Моментално ДПМНЕ пробува де донесе крајно авторитарен и недемократски Изборен законик затоа што за работите за кои се дискутираше и за кои немаше консензус сега се појавуваат, како гласањето на дијаспората кое треба да се проблематизира, вели Амар Мециновиќ од Левица.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ и Левица здружено го блокираат Изборниот законик кој со месеци го договарале и во кој, како што велат, владејачката партија прифатила се што тие предложиле.
-Упатуваме јасна порака до Социјалдемократскиот сојуз и до Левица да предложат амандмани со кои бараат корекција на начинот на заокружување и на поднесување на приговори и да ги повлечат другите амандмани и заедно консензуално да го донесеме овој Изборен законик. Нашата дијаспора има право да учествува по електронски пат на следните претседателски избори, во време кога вештачката интелигенција има клучна улога, изјави Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДУИ велат дека не е потребен само политички туку и етнички консензус. Оттаму додаваат дека нивните предлози доставени од работната група се сите прифатени, освен оној за една изборна единица, отворени листи со праг од 5 посто.
-За донесување на Изборниот законик треба етнички и политички консензус. Без етнички и политички консензус не може да се донесуваат правила кои се поставуваат правила за изборите биле тие парламентарни биле тие локални избори или претседателски. Така што ние стоиме на ставот дека за било каква промена на Изборниот законик треба етнички и политички консензус, вели Арбр Адеми, генерален секретар на ДУИ.
Забелешките на опозицијата е електронското гласање на дијаспората без механизми за контрола, промена на начинот на означување на гласачкото ливче, ограничувањето на приговорите само на оние кои се наведени во записникот, потоа забелешки за членот со кој се предвидени казни до 8 илјади евра за објави на социјалните мрежи како и финансирање на изборните кампањи.
