Пругата со Бугарија пак е во ќорсокак. Политички препукувања на релација Скопје-Софија. На изјавата на бугарскиот министер за транспорт Гроздан Караџов, дека „Коридорот 8 зависи од желбата и политичката волја на Република Северна Македонија“, нашето министерство за транспорт со одговор „едно се дела друго се зборови“. Тврдат Бугарија ги извртува фактите.
„По неколку барања и обиди од наша страна да се организира заеднички состанок на работните групи, до сега нема официјален одговор од Република Бугарија за организирање на каква било средба и постигнување на договор за реализација на овој значаен европски коридор. Исто така веќе закажаната средба меѓу директорите на двете железнички компании беше откажана од страна на директорот на Бугарски железници“, велат од Министерството за транспорт.

Директорот на Железници инфраструктура Синиша Ивановски за ТВ 21 вели дека по неколку состаноци, веќе имале начелна согласност со бугарските колеги како да се реши проблемот со тунелот – со заедничко бушење од двете страни преку една фирма. Но последната договорена средба за втората половина на ноември лани, не се одржала.
„На минимум 5-6 покани и покрај договореното заедно и пред сите банки и пред сите и пред Европска унија, не дојдоа, не одговорија на ниеден мејл, кои што ние и понатаму ги праќаме тие преписки, меѓутоа техничкиот дел инфраструктура на Република Бугарија полека како да се повлекува од техничкиот дијалог и остава доминантна позиција на политичкиот дијалог“, вели Ивановски.

Изјавата на Караџов доаѓа откако претходно бугарската влада одлучи привремено да ја стопира изградбата на пругата кон Македонија и да ги пренамени парите. Караџов сега изјави дека Бугарија е подготвена да потпише договор со Македонија и да започне со изградба на прекуграничен железнички тунел долж Коридорот 8. Тврди дека има нацрт- договор со Македонија околу тунелот, но тој не бил одобрен од македонска страна веќе три месеци. Но, од наша страна се негира дека има било каков договор.
Железничката линија Софија – Скопје е дел од европскиот транспортен коридор 8, кој треба да го поврзе Црното со Јадранското море. Инаку пругата со Бугарија се гради со децении и е дел од програмата на сите влади до сега.
