Полицаецот не прекршил процедури – Тошковски: Имаше истрага за отстранувањето на албанското знаме

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Полицаецот од Куманово кој вечерта кога се славеше Денот на албанското знаме го симна знамето од јарбол ќе помине без санкции. За неговите дејствија била покрената истрага од страна на Одделот за внатрешна контрола при МВР, но не се пронајдени неправилности.

„Во рамки на утврдените дејствија коишто се сторени од страна на предметнотно лице, не е утврдено дека истиот прекршил било каква стандардна оперативна процедура во рамки на Министерството за внатрешни работи колку што сум информиран. Подетално можеме да видиме што е, како е, понатаму….“, вели Панче Тошковски.

Претходно, владини претставници тврдеа дека полицаецот дисциплински ќе одговара. Веднаш по настаните од минатиот месец, првиот вицепремиер Изет Меџити рече дека симнувањето на знамето е работа на општинските служби, а не на полицаец кој треба да се грижи за јавниот ред и мир. Тогаш од ДУИ истакнаа дека полицијата провоцирала, бидејќи униформирани полициски службеници биле вклучени во палењето и омаловажувањето на албанското знаме.

„Ќе се покрене дисциплинска постапка и за полицаецот којшто, наместо да одржува ред и мир, се бави со знамињата што не е негова одговорност.“, вели Изет Меџити.

Поради сквернавење на македонското и на албанското знаме, беа уапсени вкупно 17 лица, голем дел од нив малолетници. Министерот Панче Тошковски истакна дека ќе одговара секој што се огрешил пред законот.