Полицијата ќе добие нови оперативни алатки и интервентни тимови, најави Јанев

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Подобра координација меѓу полициските единици, современа технологија и нови оперативни капацитети се дел од насоките во кои треба да се развива полицијата. Овие прашања биле во фокусот на работната средба на директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, со раководните структури на полицијата, одржана во Велес.

На состанокот, на 16 октомври, учествувале раководители на секторите за внатрешни работи и униформираната полиција, командири на полициските станици и раководители на полициските одделенија од СВР Струмица, Велес, Штип, Куманово и Скопје, како и претставници на Регионалните центри за гранични работи Север и Исток.

Разговорите биле насочени кон актуелните предизвици во полициското работење, потребите на службениците и планираните реформи за зголемување на ефикасноста и професионалноста.

Јанев ја презентирал визијата за развој на полицијата на краток, среден и долг рок, при што посебен акцент ставил на дигитализацијата, воведувањето нови оперативни алатки, реорганизацијата и инвестициите во полициските капацитети.

Меѓу планираните активности е и формирањето нови интервентни тимови во регионалните сектори, кои треба да придонесат за подобра оперативна подготвеност и поефикасно постапување на терен.

На средбата била нагласена и потребата од подобра меѓусебна координација, непосредна комуникација и поголемо искористување на човечкиот потенцијал и современата технологија.

Директорот на БЈБ посочил дека секој полициски службеник има важна улога во функционирањето на безбедносниот систем, а реформите треба да донесат подобри услови за работа, поголема ефикасност и поквалитетни услуги за граѓаните.

Целта на овие активности е развој на модерна, професионална, транспарентна и одговорна полиција, која ќе ја зајакнува довербата кај граѓаните и ќе обезбедува повисоко ниво на безбедност.