Истрагата за загадувањето на водата во гостиварскиот водовод доби нов развој, откако полицијата, во координација со Основното јавно обвинителство Гостивар, приведе три лица кои се поврзуваат со случајот.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, полициски службеници од Полициската станица Гостивар ги лишиле од слобода А.А. од село Здуње, вршител на должност директор на ЈП „Комуналец“ Гостивар, В.Д. од село Форино, раководител на секторот „Водовод и канализација“, како и Л.Н. од село Вруток, технички директор на јавното претпријатие.
Тројцата се приведени во рамки на предистражната постапка што се води поради сомневања за загадување на водата за пиење во градскиот водовод.
Од МВР информираат дека, во координација со Основното јавно обвинителство, продолжуваат активностите за прибирање докази и целосно расчистување на случајот.
Надлежните засега не соопштуваат повеќе детали, а истрагата е во тек.
