Почна санирањето на дупките во Тетово, но недостасуваат белите линии на пешачки премин. Пешаците во повеќето случаи не знаат каде треба да ја поминат улицата, а ова претставува голем проблем и за возачите. И Секторот за патен сообраќај, по извршените контроли на терен, констатираше дека во градот недостига хоризонталната сигнализација.
Зоранче Талев, командир на сообраќајната полиција вели дека уште пред 6 месеци ја информирале општина Тетово за ова прашање, но сѐ уште не е преземено ништо. Поради тоа, како што додава, поднеле тужба пред тетовскиот суд.
Од општина Тетово велат дека тендерската постапка е почната и дека е во тек.
„Во однос на обележувањето на белите линии во Тетово, отворена е јавна набавка која е во тек. Потоа, компанијата што ќе ја добие, ќе има обврска постојано да се грижи за нивно одржување од оштетувања кои можат да бидат од различна природа“, велат од општината.
Според сообраќајната полиција, во Тетово освен бели линии на пешачките премини, недостигаат уште многу други сообраќајни знаци.
