Полицијата влезе во домовите на тројца нивни колеги поради сомненије дека одавале службена или воена тајна и злоупотребиле државната функција за случајот што го објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ за изнудување пари од РЕК Битола.
„Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во координација со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапуваа по наредби од судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје за претрес на работните места, домови и превозни средства кај тројца полициски службеници, поради сомнение за сторени кривични дела „оддавање службена тајна“ по член 360, „злоупотреба на државна, службена или воена тајна“ по член 360а и „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од КЗ. Извршени се и службени разговори со полициските службеници и се преземаат дополнителни мерки и активности за расчистување на случајот“, посочија од МВР.
Потпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски изјави дека ЈО и МВР ги штитат вистинските виновници кои фалсификувале документи.
„Вчера наместо да сееја страв низ институциите и да заплашуваат луѓе, Јавно обвинителство и МВР требаше да ги прибере на разговор и да дадат изјави оние што стоеле во пријавата за барање рекет, братот на премиерот Вице Заев, Васко Ковачевски, Столе Чифлигароски, како и овие што се обиделе да фалсификуваат документи во пријавата и да бришат нечии имиња“, посочи Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку според тврдењата на опозицијата, директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски барал од сопствениците на битолската фирма „Рубитон“, која добила тендер за ископ на јаглен, да се откажат од тендерот за да го добие „СВ Инвест“. Откако сопствениците одбиле, им било побарано да платат 250 ијади евра за да ја извршуваат работата. Опозицијата во овој случај го вмеша братот на премиерот, Вице Заев, кој ги демантираше обвинувањата. Од СДСМ реагираа дека опозицијата шири лажни вести, и дека ако има фалсификат на документи, Мицкоски да го обвини нивниот кадар во тогашната техничка Влада. Демант имаше и од АД ЕСМ и Подружница РЕК Битола, кои објаснија дека фирмата која го добила тендерот навремено не си ги завршила обврските согласно договорот.
