Централната банка на Холандија (DNB) префрли 86 тони од своите златни резерви од САД и Канада во Лондон, образложувајќи ја одлуката со „зголемените геополитички тензии“.
Од DNB соопштија дека златото складирано во Лондон може полесно да се тргува отколку резервите што се чуваат во Њујорк и Отава, објави „Гардијан“.
Претседателот на DNB, Олаф Слејпен, оцени дека со преместувањето банката ќе може побрзо да реагира во случај на криза.
„Со овој чекор ја подобривме можноста за користење на златните резерви. Претпоставуваме дека никогаш нема да имаме потреба да го користиме златото, но сепак неопходно е да ја зајакнеме нашата отпорност и подготвеност“, изјави Слејпен.
Вкупните златни резерви на Холандија изнесуваат 612,4 тони, а на крајот на 2025 година нивната вредност била проценета на 72,2 милијарди евра, односно 83,7 милијарди долари, соопшти DNB.
Пред преместувањето, холандската централна банка чувала 31,3 отсто од своето злато во Њујорк и 19,7 отсто во Отава.
По трансферот, уделот на златото складирано во Лондон се зголемил од 18,1 на 32,1 отсто. Истовремено, 30,8 отсто од холандските златни резерви и понатаму се чуваат во самата Холандија.
