Утрово во Арачиново е спроведена полициска акција за илегална трговија со оружје и дрога. По неколкумесечна истрага, уапсени се вкупно девет лица. Осум се од Арачиново и околината, а едно лице е од Свети Николе. Помеѓу уапсените има и еден полициски службеник.
За полициската акција прв соопшти министерот Оливер Спасовски преку социјалните мрежи.
„Во текот на утрото полициска акција за илегална трговија со оружје и дрога. По неколкумесечна истрага, во Арачиново се уапсени 8 лица, меѓу кои и еден полициски службеник и едно лице од Свети Николе.“, напиша Спасовски.
Неколку часа подоцна, портпаролот на МВР, Тони Ангеловски со детали за акцијата.

Од обвинителството потврдија дека меѓу уапсените има полицаец.
„По насоки и координација на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, полициски службеници од Министерството за внатрешни работи извршија претреси во дом и други простории на повеќе локации на подрачјето на Град Скопје и на една локација на подрачјето на Свети Николе. Притоа, од слобода се лишени и приведени девет лица меѓу кои и еден полициски службеник, еден од осомничените веќе се наоѓа во притвор во друг кривично правен настан.“, велат од Обвинителството.
Портпаролот на МВР рече дека оваа криминална група е поврзана со случајот од Кичево, каде во ноември 2020, беше пронајдена голема количина оружје и муниција.
