Полициска контрола во Гостиварско, приведени 15 странски државјанки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во акциска контрола што ноќеска ја спроведоа полициски службеници од СВР Тетово – ОВР Гостивар во два угостителски објекти, приведени се 15 странски државјанки, а лишени од слобода се и двајца мажи.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, акцијата била реализирана во периодот од 2 до 4 часот. Во угостителски објект во селото Чегране, околу 2 часот, бил уапсен М.Х. (50) од селото Форино. Тој, откако ги забележал полициските службеници пред објектот, ја заклучил влезната врата и ги предупредил присутните да избегаат. Сепак, полицијата со брза интервенција го блокирала задниот излез и спречила бегство на повеќе странски државјанки.

Во вториот угостителски објект, на подрачјето на Полициското одделение Галате, бил лишен од слобода А.А. (53) од Гостивар, откако кај него била пронајдена марихуана.

При контролите во двата локали, поради злоупотреба на туристичкиот престој, односно престојување спротивно на целта за која влегле во државата, приведени се вкупно 15 странски државјанки на возраст од 19 до 40 години. Од нив, 11 биле затекнати во угостителскиот објект во Чегране, а четири во објектот на подрачјето на Галате. Станува збор за државјанки на Србија, Албанија и Колумбија.

Сите приведени се задржани во полициска станица, а по целосното документирање на случајот против нив и против другите инволвирани лица ќе бидат поднесени соодветни пријави.