Ова е Ариф Исмаили, земјоделец од Тетово. Тој секој ден треба да го одгледува неговиот посев, бидејќи токму од оваа работа го издржува целото семејство. Ариф секој ден уште од раните утрински часови работи на неговата нива во близина на селото Фалише. Но, мерките кои беа донесени против пандемијата имаат влијание и врз земјоделците и сточарите. Ариф вели дека во деновите на полицискиот час ќе треба сам да ги одгледува засадените култури, бидејќи од Министерството за земјоделство добил само дозвола за себе.
-Имаме проблем и со дозволите за движење бидејќи ни издаваат само за едно лице. Ни даваат една дозвола, а работата на нива не може да ја заврши еден човек, туку најмалку двајца или тројца-вели Исмаили.
Но, ова не е единствениот проблем со кој не соочуваат земјоделците – периодов не можат ниту да ги продадат нивните производи. Им заостанале тони компири кои не можат да ги продадат поради ограниченото движење и поради пазарите кои не функционираат со целосен капацитет.
-Имаме проблем со земјоделските култури бидејќи не ни дозволуваат да излегуваме. Не ни даваат да излегуваме, ни велат затворете се, како да се затвориме, како да набавиме храна? Не се продаваат, стравуваме за продажбата. Имаме три дена полициски час, не можеш ништо да продадеш, производите се фрлаат. Сѐ ќе се фрли, не знам што ќе се случи-вели Исмаили.
Овој земјоделец не е единствениот кој е исправен пред ваков проблем. Од Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Тетово, велат дека досега 1.400 земјоделци и сточари побарале дозвола за движење.
-Во однос на дозволите за движење за време на полицискиот час, во Подрачната единица на Минситерството за земјоделство во Тетово, барање доставиле 1.400 редовни земјоделци-вели Африм Серјани.
Од општина Тетово околу 700 нерегистрирани земјоделци побарале дозвола за движење за време на продолжениот полициски час.
