Стотина жители од селото Копаница во општина Јегуновце, излегоа пред општината барајќи вода. Тие ја обвинуваат општината за поделба – дел од селото има вода, дел нема. Според жителите, проблемот со водата е долгогодишен, а градоначалникот не им пушта вода на сите жители. Обвинуваат дека градоначалникот прави етничка поделба.
„Долго време нашето село се соочува со проблемот со водата, а сегашниот градоначалник нема желба да го реши тој проблем. Голем дел од селото има вода, каде што припаѓаат нашите соселани Македонци. Сме се обиделе, сме одржале состаноци. Првиот ден рече дека нема да пушти вода: ‘Вие не плаќате, крадете.’“

„Го молам градоначалникот што побрзо да преземе мерки, бидејќи три месеци сме без вода. Бојлер не можеме да користиме, апарати не можеме, седиме со стапот како сламка. Дојдуваат децата, сакаат да се избањаат, да се исчистат – без вода, на четириесет степени. Загреваме по четири-пет канти и се бањаме. Во кој век живееме? Во каков век сме ние?“
„Голем проблем. Во ова време, со кофи носиме вода. Во селото имаме две цевки, ама како ги оштетила општината не знаеме, бидејќи тие ги расипуваат вентилите. Нас не’ обвинуваат дека не плаќаме, ама ние плаќаме – сите имаме платено приклучок, сè. Но вода пак немаме. Нашата вода не е за пиење, ја носиме од полињата. За шест месеци ми се расипа бојлерот.“

„Најголемата иронија е што половина од селото има вода, а половина нема. Тоа е најголемата иронија. Сите села во нашата општина го немаат овој проблем, само нашето го има. Уште еден и пол месец на вакви температури – нема вода. Уште еден и пол месец во секоја иницијатива што сме преземале, не сме нашле решение.“
Кога жителите влегоа во општината Јегуновце, имаа вербална расправија со градоначалникот.

А градоначалникот за ТВ21 изјави дека не прави етнички поделби, туку водоводниот систем функционира на струја, а жителите не сакаат да плаќаат за да имаат вода. Во моментот кога ќе постигнат договор со општината, тогаш ќе добијат и вода.
„Проблемот е што жителите на Копаница се повикани да трошат вода и да не плаќаат. Додека јас сум градоначалник, тоа заврши. Вода во Копаница има – сега можам да ви пуштам, и од новиот водовод на Јегуновце има вода, и Копаница може да има вода за секунда. Доволно е да се отвори вентилот и Копаница ќе добие вода. Но тие жители што ме обвинуваат треба да дојдат да потпишат договор со претпријатието, да се стават бројачи, да се мери и вода ќе има неограничено од сега.“, вели Димитар Костадиновски.
Жителите велат дека нема да се откажат од своите барања. Од општината, пак, тврдат дека жителите сега, пред избори, се обидуваат да добијат вода без да плаќаат.
