Полскиот претседател Анджеј Дуда е позитивен на коронавирусот, објави денеска неговиот портпарол Блажеј Спихалски.
Тој напиша на Твитер дека Дуда се чувствува добро.
„Претседателот вчера беше тестиран на коронавирусот и резултатот е позитивен. Тој се чувствува добро. Ние сме во постојан контакт со надлежните медицински служби”, напиша Спихалски.
Во меѓувреме, десетици илјади луѓе синоќа се собраа на улиците во Полска да протестираат против строгите мерки наметнати поради пандемијата на коронавирусот.
Протестите се случија еден ден по демонстрациите околу одлуката на Уставниот суд за речиси целосна забрана за абортус.
Во Полска стапија на сила нови ограничувања за борба против пандемијата, вклучително и затворање ресторани и кафулиња за две недели, откако вчера беа потврдени повеќе од 13.600 нови случаи на Ковид-19, најмногу во денот од почетокот на пандемијата.
Демонстрантите се собраа пред куќата на Јарослав Качински, претседател на владејачката партија Право и правда.
Втора ноќ по ред, кордон полиција стоеше пред куќата на Качински, блокирајќи го минувањето на демонстрантите, од кои беше побарано да се растераат и да се придржуваат до ограничувањата воведени за јавни собири.
Полските медиуми проценуваат дека на протестите во Варшава имало околу 15.000 демонстранти, и покрај мерките за забрана на јавни собири на повеќе од десет лица, а оваа бројка од денеска ќе се намали на пет.
Демонстранти се собраа и во Познан, Вроцлав и Краков, а протести се најавени и за понеделник.
