Поминаа 7 години од поставување на камен темелникот за изградба на Театарот и библиотеката во Тетово. И од тогаш објектот се уште не е во функција. Ветувањата беа дека театарот ќе биде готов во 2018, меѓутоа сега сме 2021 и до сега е завршена само првата фаза од проектот. Министерката за култура, Ирена Стефкова вели дека од страна на Министерството буџетските средства се издвоени, но без да ја прецизираат сумата и тоа дали се доволни за финализирање на објектот.
Го прашавме и директорот на Театарот во Тетово, Беким Исмаили. Рече дека Министерството за култура им ветило дека работите ќе завршат за две години. Исмаили не го крие фактот дека се соочуваат со големи тешкотии поради тоа што немаат објект.
„Ни се создадоа многу пречки поради тоа што немаме свој објект. И со библиотеката го имаме истиот проблем. Во контакт сме и со директорката, тие имаат проблем што немаат каде да ги остават книгите, а ние имаме други проблеми – немање простории и матична сцена. Сцената на Театарот во Тетово е во центарот за култура, значи проблем е сцената, потоа местото, костими, сценографија, администрација“, посочи Беким Исмаили.
Врз основа на информациите, Театарот треба да чини околу 26 милиони евра а до сега се потрошени над 13 милиони евра.
