Само што почна кампањата, почнаа и бомбите. Со илегални прислушувања или т.н. бомби понекогаш беше напаѓан еден политички субјект, друг пат, некој друг. Се објавуваа и во медиумите независно што прислушуваните разговори биле или не од јавен интерес. Но, со завршување на изборите како да исчезнаа и бомбите. Колку надлежните институции преземаа некој чекор за да ја истражат нивната содржина? До Советот за етика во медиумите до сега не е доставена ниедна жалба, иако бомбите имале пристрасен пристап.
До пред некое време жалби немаше поднесено ниту до Основното обвинителство – Скопје. Сепак, од таму велат – доколку добијат жалби во други обвинителства, тие се разгледуваат по две точки:
„Се анализира содржината на „бомбите“ и од каде потекнуваат истите. Ако во содржината се забележи дека има елементи на кривично дело, тогаш се оформува предмет“, велат од Јавното обвинителство.
Тунела советува, медиумите пред да го објават прислушуваниот материјал задолжително да го истражат нивниот извор и целта за нивното објавување. Инаку, со последните промени на Кривичниот законик „бомбите“ веќе не се користат како доказен материјал, туку само како индиции.
