Поминувате на зелено и заглавувате на крстосница… Дали „Сејф Сити“ ќе ви регистрира прекршок и дали ќе платите казна?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако сте поминале на зелено, а потоа поради застој сте заглавиле со автомобилот на крстосницата, нема да се спасите од казна. Сообраќаен прекршок ќе ви биде регистриран и ќе треба да платите казна од 45 евра во денерска противвредност, бидејќи како возач сте требале да направите проценка, дали можете да ја поминете крстосницата или не. Со лошата проценка, сте направиле угушување на сообраќајот. Но, она што е добра вест во целата ситуација е дека системот „Сејф Сити“ нема да го регистрира овој прекршок како поминување на црвено, што беше случај на почетокот, а кој беше казнуван со одземање на возачката дозвола.

– Првично камерите ве идентификуваа како да сте поминале на црвено, затоа што ве фаќаат во опсегот на забрането движење и покрај тоа што сте влегле на зелено, но тоа го отклонивме и повеќе тој прекршок нема да биде констатиран како поминување на црвено, со забрана, туку ќе биде констатиран како угушување на крстосница, којшто дополнително ќе го внесеме во рамките на Сејф Сити, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Колку камерите, односно Сејф Сити може да ги препознае вистинските прекршители на законите? Министерот вели дека совршен систем не постои, но додава дека грешките кои настапуваат ќе се отклонуваат постепено. Секој граѓанин кој смета дека е оштетен, има право да се пожали во најблиската полициска станица.

– Во одредени полициски станици, на граѓаните им било кажувано не сме ние надлежни, треба по место на живеење, по место на регистрација и така натаму … Тоа не е точно … Полицискиот службеник е должен, без оглед дали е во ПС Гевгелија, Делчево, Берово, Дебар, Скопје или било каде. Кога граѓанин ќе дојде во ПС и ќе донесе документ, каков и да е, да го прими документот … Должен е, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Тошковски најави дека во иднина системот ќе биде надграден и камерите ќе регистрираат непрописно паркирање и запирање на возило, нешто што е предвидено во првата фаза, но сè уште не функционира. Во моментов Сејф Сити регистрира брзо возење, поминување на црвено, управување на возило без регистрација.