Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека градот веднаш реагирал и ќе испрати цистерни со питка вода за жителите на Гостивар, со цел да се обезбеди безбедно снабдување додека траат анализите и испитувањата.
„Во вакви моменти нема место за чекање – потребни се брза реакција, човечност и солидарност“, порача Ѓорѓиевски.
Тој, во својство на претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), упати апел до останатите градоначалници, согласно можностите, да помогнат и да се вклучат во поддршката за Гостивар.
„Само обединети и солидарни можеме полесно да се справиме со оваа сериозна состојба и да им дадеме сигурност на граѓаните дека не се сами“, наведе Ѓорѓиевски.
Градоначалникот изрази загриженост за состојбата и повика надлежните институции детално и транспарентно да ги утврдат причините за појавата на заболувања, а доколку се утврдат неправилности, да има одговорност.
„Град Скопје и јас како градоначалник ќе останеме со гостиварчани сè додека трае оваа состојба. Нашата помош и поддршка ќе бидат постојани, сè до нејзино целосно надминување“, порача тој.
Според Ѓорѓиевски, во тешки моменти најмногу се покажуваат човечноста и солидарноста, додавајќи дека „Гостивар не е сам“.
