Владата го испрати Законот за попис во Собранието, но се работи за истата онаа верзија за која претходно опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека нема да го поддржи. Дали со тоа што законот е испратен без да се усогласи со опозицијата, власта свесно го турка законот во повторна блокада, министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека законот е добар и треба да биде усвоен со мнозинска поддршка во Собранието.
„Ги знаеме дел од забелешките на опозицијата кои што одат сосема спротивно од забелешките на Европската унија за подобрување на системот на попишување. Мислам дека секое понатамошно одолговлекување на процесот на разговори, преговори и повторно отворање на текстот на законот може само да доведе до ново одлагање а опозицијата беше таа која што бараше пописот да биде во 2021 година“, вели Бојан Маричиќ.
Но од ВМРО-ДПМНЕ и натаму остануваат на нивните забелешки и велат дека доколку власта не се консултира со опозицијата, тие нема да го поддржат законот.
„Досега власта ја нема консултирано опозицијата за вака суштествено и стратешко важно прашање на земјата. Таков попис кој би отстапувал од утврдените критериуми спроведувани од напредните европски земји ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи“, посочи Димче Арсовски.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вели дека опозицијата непотребно го блокира пописот бидејќи законот и неговата методологија на спроведување е согласно европските стандарди.
„Едно од главните барања беше да пописот не го спроведува Државниот завод за статистика, како стручна и по закон утврдена институција која што треба да го спроведе пописот, туку некаква државна пописна комисија која по дифолт е политичко тело. Значи веднаш на тој начин се политизира пописот“, вели Апостол Симовски.
Спроведувањето на пописот беше набележано како неопходно и во Извештајот на Европската комисија. Ако во 2021 година се реализира пописот која е пописна година на светско ниво тогаш тоа ќе биде 19 години по последниот попис во земјава. Пописот требаше да биде спроведен во 2011 кога пропадна, а за тоа деновиве и лидерот на ДУИ Али Ахмети беше повикан на распит кај обвинителката Фатиме Фетаи во случајот Попис.
