По стравичниот пожар во Омиш и околината, во кој изгореа околу 900 хектари, загина едно лице, а седум се борат за живот, оштетени и уништени се бројни објекти, а десетици луѓе се повредени, вчера ширум Далмација избувнаа нови пожари, јавува хрватски Индекс.
Најкритично е на Дуги Оток, каде што вчеравечер избувнал пожар над Савар и Брбиње, кој потпомогнат од силната бура, се проширил брзо. Пожарникарите цела ноќ ги бранеле куќите и викендичките расфрлани низ подрачјето. Сите објекти се одбранети и засега нема материјална штета, но пожарот утрово сè уште не е ставен под контрола. На терен се распоредени околу 100 пожарникари и два канадера.
Нов пожар избувнал вчера и кај Куна Пељешка на Пељешац, кој исто така се проширил брзо поради ветерот. Во гаснењето учествуваа стотици пожарникари и канадери. Над Трогир, пожарот бил ставен под контрола по интервенцијата на воздушните и копнените сили.
Двата помали пожари во областа на Задар, по интервенцијата на бројни пожарникарски екипи, канадери и „Ер Трактор“, до вечерта беа изгаснати.
