Поплавени домови, дуќани и возила – тетовци во паника при секој пообилен дожд

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Дворови под вода. Поплавени домови и дуќани и возила заглавени под подвозници.

Ова се само дел од штетите кои настанаа како последица на синоќешното невреме во тетовско.

Екипата на ТВ21 во текот на ноќта посети неколку домови каде жителите се обидуваа да спречат водата да им влезе внатре. Велат дека при секој пообилен дожд сценариото е исто, а како што раскажуваат, со последиците се справуваат сами.

-Овој проблем е од пред пет години. Одам во општина кај Љуљи. Тој ми вели дека ќе средат. Вчера бев, денеска бев исто така, не е тука, не е ни таму.

-Ова го подготвивме од порано за да не влезе дома. Ако не ги направивме сите овие подготовки, водата ќе влезеше внатре. Никој не презема мерки. Го известив Бесар Дурмиши, а тој ниту СМС-порака не ми врати, ништо.

-Ова е дамнешен проблем. Секојпат кога има врнежи, водата влегува внатре, во дворот. Претставува опасноста за децата, бавчите, подрумите…

Од ЈКП „Тетово“, велат дека веќе интервенирале во неколку делови од градот. Според Љуљзим Шаќири, тие се задолжени за чистењето, додека општината треба да ги санира проблемите преку соодветни проекти.

-Ние по инвестициите… Значи задача на нашето претпријатие е одржување, што значи дека доколку се затне каналот, ние се трудиме да го исчистиме. По овие ситуации интервенираме со нашите можности и капацитети-рече Шаќири.

Од Општина Тетово преку објава на Фејсбук соопштија дека преку Кризниот штаб ќе побараат санација и покривање на евентуалните штети.

Потсетуваме дека пред неколку месеци, обилните врнежи од дожд предизвикаа штети во неколку куќи, а од општина Тетово рекоа дека граѓаните ќе бидат обесштетени. И покрај тоа што градоначалникот, Биљал Касами побара поддршка од Владата за покривање на обесштетувањето, до сега граѓаните кои пријавиле штети немаат добиено никаков надомест.