Поплавите во февруари во Кичево оставија бројни последици и ризици за жителите во погодените подрачја.
Во селото Дрогомиште Мало, од овие поплави беше зафатено и ова маало, каде што дојде до големо свлекување на земјиштето.
Свлечиштето ја блокираше алтернативната патека и претставува сериозна закана за целосно уривање на куќите во околината.
Жителите веќе речиси три месеци живеат во страв и неизвесност.
„Ова се случи околу 15 февруари, кога имаше обилни врнежи во Кичево, а ние како локална заедница поднесовме барање овој проблем да се разгледа на 23 февруари“, изјави Вегим Фејза, претседател на Месната заедница Дрогомиште Мало.
Жителите тврдат дека Општина Кичево сè уште не презела мерки за санирање на проблемот.
„До денес не е преземена ниту една мерка во врска со овој проблем, па ова свлечиште се заканува да урне уште две куќи. Ние како месна заедница бараме општината да преземе мерки за санација“, изјави Фејза.
За состојбата во Дрогомиште Мало, од Општина Кичево велат дека се запознаени со проблемот, но дека ситуацијата е сериозна и бара изработка на проект за санација.
Од општината појаснуваат дека бил извршен увид на терен веднаш по настанот и дека е направена проценка на ризикот, но поради сложеноста на ситуацијата е потребно ангажирање на проектантска и изведувачка фирма, вклучително и изградба на потпорен ѕид.
Општината се наоѓа во фаза на постапка за јавна набавка за избор на проектантска куќа, која треба во најкраток рок да изработи проект, по што ќе следи избор на изведувач за решавање на проблемот.
Во текот на зимската сезона во Кичево беа забележани два брана на поплави, во јануари и февруари годинава, кои предизвикаа значителни материјални штети и сериозни ризици за жителите во градот и околните села.
