Попова Шапка доби ноќна ски-патека – Авзиу: Во 2022 година идеен проект за жичницата Тетово – Попова Шапка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со два километра осветлена ски-патека, со четири ски-лифтови, три жичници и уште неколку нови инвестиции, на 15 декември ќе стартува скијачката сезона на Попова Шапка. Директорот на „Елем Турс“, Адем Авзиу очекува успешна туристичка сезона.  

„Имаме два километри патека за ноќно скијање. Инвестиравме и во два модернизирани мини бар ресторани во Ге и Тетекс долу и првпат оваа сезона имаме и пет јавни тоалети кои беа барани од туристите“, истакна Адем Авзиу.

За да извршат увид во активностите присуствуваа министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за животна средина, Насер Нуредини. Ветија дека Владата ќе ја поддржи „Елем Турс“ за развој на Попова Шапка.

„Им благодарам на менаџментот, на господинот Авзиу за неуморната работа што ја направија со цел да се зголеми понудата и да се подобрат услугите во рамките на Попова Шапка за да го направат туристичкиот центар да биде поатрактивен за домашните и странските туристи“, додаде Крешник Бектеши.

„Ова е пример како можеме да создадеме економски активности и да им овозможиме на нашите граѓани да дојдат да се релаксираат и да прават различни активности“, вели Насер Нуредини.

Проблем и понатаму остануваа паркингот, иако веќе се обезбедени околу 800 паркинг места. Според Авзиу решение за овој проблем би била жичницата која ќе води од Тетово до Попова Шапка, за која рече дека во планот за 2022 година се обезбедени финансиски средства за идејниот проект.

„Дел од планот за јавните набавки за следната година е и идејниот проект за гондолата Тетово-Попова Шапка“, посочи Адем Авзиу.

Недостигот на снег и инвестиции, недостигот на паркинг места, бројните дефекти на ски-лифтовите, придонесе Попова Шапка да изгуби многу туристи. Раководството очекува успешна скијачка сезона, имајќи го предвид фактот што ски-патеките се подготвени пред почетокот на сезоната, а ски-лифтовите ги поминале сите потребни проверки.