Доволно е да заврне малку дожд и жителите од улица Број 1 во Визбегово едвај стигнуваат дома.
Освен калта, и дупките им го отежнуваат движењето по оваа улица. Еден жител ни рече дека неколку пати со самоиницијатива поставиле тампон.
-Улицата е во многу лоша состојба, на пример денеска времето е лошо, не може ни до дома да се стигне. Имаме трошоци дома, сите сметки ги плаќаме, не е лошо да ни ја санираат улицата, само тоа ни смета, само улица сакаме, друго ништо не бараме, вели жител на Визбегово.
Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски ветува дека оваа пролет сите улици кај основното училиште во Визбегово ќе бидат асфалтирани.
-Улицата што беше спомната во видеото на ТВ21 е проектирана, при крај е проектирањето и ќе биде асфалтирана многу наскоро, и не само тоа, сите улички околу кај тој дел кај училиштето во Визбегово ќе бидат асфалтирани за кратко време, поточно напролет, оваа пролет нема да има улица со кал, сите ќе бидат асфалтирани. Документацијата за проектот е завршена, изјави градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски.
Асфалтирање на неколку улици во Визбегово многу пати беше ветувано од минатите влади, но тоа се уште не е направено.
