Поради кавга, седницата траеше само 20 минути – Георгиевска бараше од Панова да го исклучи микрофонот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дури повеќе од 20 минути без престан се водеше кавгата меѓу претседателката на Комисијата за избори и именувања Марија Георгиевски и заменичката координаторка на ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова. И двете за цело време паралелно зборуваа на висок тон, Панова бараше процедурално, Георгиевска бараше од неа да го исклучи микрофонот. Се почна откако Георгиевска му даде збор на Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ но во меѓувреме Панова побара процедурално.

„Ве замолувам да го исклучите микрофонот…ве молам да го исклучите микрофонот. Овозможете да продолжи работата на Комисијата. Ве молам заменик координаторка исклучете го микрофонот. Недозволиво е да си замислувате дека можете во исто време да зборувате и вие да ја водите Комисијата. Ве молам заменик координаторка исклучете го микрофонот“, вели Марија Георгиевска.

Панова одби да го исклучи микрофонот и упорно бараше да и се дозволи да зборува процедурално. Ја обвини Георгиевска дека со тоа што не и дозволува да се обрати го крши Деловникот.

„Имам ли право јас според Деловникот да ми дозволите процедурално да се обратам? Дали имам право јас да се обратам процедурално согласно членот 88 од Деловникот на ова Собрание или овој Деловник повеќе за вас не важи? Овој Деловник повеќе за вас не важи, така ли? Значи можеби јас ќе завршев до сега со моето процедурално обраќање. Зошто сте нервозни? Ма нема потреба за Љубомир Јовевски да се нервирате“, додава Ели Панова.

Инаку на денешната седница требаше да се расправа за кандидатурата на актуелниот јавен обвинител Љубомир Јовевски за уставен судија. Дебатата за неговата кандидатура беше на дневен ред на Комисијата уште од октомври, но поради долгите процедурални забелешки седницата и тогаш беше прекината, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на претседателката на Комисијата Георгиевска и поднесоа интерпелација за прекршување на постапката.