Поради немање греење, наставата во Чаир во прекин – утре се очекува договор меѓу ЕСМ и Топлана

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Топланата „Скопје-Север“ повторно во проблеми. Од петокот, објектите приклучени на системот на парно греење, домаќинствата, образовните и здравствените установи се во ладно… Денеска училиштата го прекинаа наставниот процес.

„Поради немање греење, наставниците ги ослободија учениците уште од вториот час. Ова се случува во општина Чаир и Бутел, кои се приклучени на мрежата на Топлана „Скопје-Север“, вели репортерката на ТВ21.

Директорот на Средното училиште „Цветан Димов“, Висар Дураку, рече дека немаат информации кога ќе се реши проблемот.

„Имајќи предвид дека од вчера немаме греење, веднаш се обративме до Топлана „Скопје-Север“. Нѐ известија дека и денеска нема да имаме парно. Учениците беа на час утрово во 7:30, се трудевме да ги задржиме колку што можевме, колку што ни дозволуваа климатските услови, но од вториот или третиот час учениците си заминаа дома“, посочи Висар Дураку.

Студот е неподнослив и за домаќинствата, иако редовно ги плаќаат сметки. Граѓаните велат дека често се случува да има прекин на парното.

„Главниот проблем е што ние сме семејни луѓе, имаме стари лица и деца кои не можат да издржат. Моментално се грееме преку алтернативни уреди, но не е во ред, бидејќи плаќаме парно и лето, и зима. Баш кога ни е потребно, ние немаме“, додава Хајруш Мани.

За да ја надмине финансиската криза, АД Скопје-Север сакаше наместо со гас, кое е далеку поскапо гориво,  да продолжи со мазут, но Град Скопје не дозволи.

„Разговаравме со директорот за до крајот на јануари да немаме проблем со ова прашање. Ни гарантираше дека обезбедил мазут и дека ќе работи со мазут, но наеднаш дојде допис од Град Скопје и беше прекинат. Тоа е дополнителен проблем со кој треба да се справиме заеднички“, вели Висар Ганиу.

Загриженост изразуваат и од општина Бутел. Велат дека во градинките користат алтернативни извори за греење, додека наставата во училиштата се одвива со скратени часови. Директорот на Топланата „Скопје-Север„ Куштрим Рамадани за ТВ21 ветува дека до утре ќе има решение за проблемот со парното, со што се очекува конечно да биде потпишан долгоочекуваниот договор за помош од ЕСМ. Рамадани е зачуден што Град Скопје не му дозволува да користи мазут, иако вели дека има уредна документација. Минатата година во Северна Македонија се потрошени околу 104 илјади тони мазут, а сега не ни дозволуваат да согориме околу 10 тони, заклучува тој.