Италијанската влада планира да испрати 500 војници во Милано за да го „заштити градот“, по дводневните немири во кои демонстрантите се судрија со полицијата, ограбуваа продавници и оштетија имот. Ова во понеделникот вечерта го изјави вицепремиерот Матео Салвини.
Испраќањето на војниците се очекува да биде дел од пакетот безбедносни мерки што треба да биде усвоен на владина седница закажана за вторник. Одлуката доаѓа во период кога продавниците во центарот на Милано почнаа да ги затвораат вратите порано и да ги покриваат излозите со штици, стравувајќи од нов бран насилство во финансискиот центар на Италија.
„Зборовите се претвораат во дела: уште 500 војници за да го заштитат Милано“, напиша Салвини на социјалните мрежи. Тој е лидер на десничарската партија Лига, која е дел од владејачката коалиција.
Поголемиот дел од продавниците на улицата Виа Монтенаполеоне, една од најлуксузните шопинг-зони во Милано, каде што се наоѓаат бутици на брендови како „Шанел“, „Тифани“ и „Диор“, превентивно ги отстраниле производите од излозите.
Стотици демонстранти со качулки, од кои многумина се верува дека биле малолетници, за време на викендот палеле контејнери за отпад и ограбувале продавници во центарот на градот. Насилството избувнало по протестот што во саботата започнал мирно, а бил организиран против лошите јавни услуги и зголемените трошоци за живот.
Во трговската галерија „Виторио Емануеле“ неколку продавници биле затворени и испразнети од стоката, додека други ги покриле излозите и ги засилиле безбедносните мерки.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го осуди насилството. Во понеделникот таа одржала состанок со министрите и претставниците на безбедносните служби за да разговараат за ситуацијата.
„Владата решително ќе одговори на овие напади врз државата, вклучително и преку мерки насочени кон спречување на насилството од малолетници“, напиша на социјалната мрежа Икс шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани, кој исто така е вицепремиер.
Весникот „Кориере дела Сера“ објави дека Мелони разгледува можност за продолжување на превентивниот притвор за малолетници и воведување мерки против младинските банди. Се разгледува и забрзување на примената на одредени одредби од постојниот предлог-закон за безбедност, кој во моментов е во собраниска процедура.
Италијанската полиција соопшти дека за време на неделните немири во Милано во полициските станици биле приведени 271 млад човек. Од нив, 32 биле уапсени, меѓу кои 23 малолетници и 13 странски државјани, информираше полицијата во понеделникот.
Немирите следуваа по судирите во саботата во други градови во северна Италија, меѓу кои Болоња, Бреша, Бергамо и Торино. Според полициски извештај објавен во неделата, во овие инциденти биле уапсени 28 демонстранти.
Настаните се случуваат во исто време со немирите во соседна Франција, каде што стотици илјади луѓе во саботата излегоа на улиците незадоволни од зголемените трошоци за живот и влошувањето на јавните услуги. Протестите прераснаа во едни од најнасилните што земјата ги доживеала во последните неколку години.
