Пораките од европската тројка не стигаат до Мицкоски – тие не рекоа дека ќе бидеме изолирани, туку за задоцнување на процесот на ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако вчера австрискиот шеф на дипломатијата Александар Шаленберг на прес конференцијата со министерот Османи упати јасна порака дека доколку не се усвојат уставните измени тоа ќе значи одложување на патот кон Европската унија а со тоа и Македонија се соочува со опасноста да биде изолирана, Мицкоски вели дека такво нешто не било речено. Според него единствено ќе дошло до одложување на процесот. Мицкоски вчера имаше средба со тројцата министри на Австрија, Чешка и Словачка.

„Промената на Уставот не е критериум за изолирање на Македонија. Од друга страна, пак, од истите тројца министри добив уверување дека во ниту еден момент не го кажале зборот изолирање, туку рекле дека ќе има задоцнување на процесот. А задоцнување во процесот ќе има,односно delay на англиски, никаде не спомнале изолација, ќе има задоцнување во процесот заради тоа што Владата на Ковачевски потпиша договор под бугарски диктат“, вели Христијан Мицкоски.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ пак во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, вели дека секој оној кој ќе се спротивстави на шансата Македонија да го продолжи патот кон Европската унија ќе сноси политичка одговорност.  

Секоја партија, секој политичар, којшто ќе се спротивстави на овој план, ќе носи историска одговорност, за евентуален негов неуспех. Јас сум сигурен дека имаме доволно време до ноември, да ја убедиме целата пратеничка група или дел од пратеничката група да гласа за овој предлог, затоа што премногу е голем влогот да ја изгубиме оваа шанса. Предвремени избори може да има само доколку опозицијата се согласи да гласа за уставните измени и потоа да распишеме предвремени избори“, додаде Бојан Маричиќ.

Пред влегувањето на иницијативата за уставните измени во собраниска процедура која се очекува да се случи во текот на идната недела, деновиве има засилена дипломатска офанзива со пораки да не се застане на патот кон Европската унија. Откако вчера тројцата министри од Австрија, Чешка и Словачка упатија јасни пораки за уставните измени, идната недела во иста таква мисија пристигнуваат и  тројца министри за Европа на Германија, Франција и на Полска.