Само во текот на месец мај 2026 година, пријавени се вкупно 191 кривично дело семејно насилство, што претставува зголемување од 70,5% во споредба со истиот месец минатата година, објавува Министерството за внатрешни работи.
Според нив, поголемиот дел од случаите се однесуваат на „телесна повреда“ со 130 случаи и „загрозување на безбедноста“ со 52 случаи. Во категоријата најтешки кривични дела, евидентирано е едно убиство во регионот на СВР Битола и два случаи на тешка телесна повреда.
Најголем број случаи се евидентирани во Скопско, со пријавени 62 кривични дела. Во овој период, Министерството за внатрешни работи поднесе вкупно 137 кривични пријави, што претставува зголемување од 71,3% во споредба со мај минатата година. Против 144 сторители се преземени мерки за кривично гонење, додека 143 лица се евидентирани како жртви.
18 пријави се поднесени по забрзана постапка, на 15 лица им е одреден притвор, додека 48 лица се под мерки на претпазливост. Министерството за внатрешни работи нагласува и дека пријавите по забрзана постапка се зголемени за 800% во споредба со минатата година. Во мај се регистрирани и 19 прекршоци, главно за „физички напад“ и „расправија и викање“, како и 499 претставки, претежно во скопскиот и штипскиот регион.
