АЛАРМ ОД ИЈЗ: Мали сипаници во соседството, недоволно вакцинирани во Македонија – родителите да не ја одложуваат МРП вакцината!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) упати апел до родителите и граѓаните кои не ја примиле МРП вакцината да ја надоместат пропуштената доза, предупредувајќи на недоволниот вакцинален опфат во Македонија и појавата на мали сипаници во дел од соседните земји.

Од Институтот посочуваат дека актуелната епидемиолошка состојба бара зголемена претпазливост и навремено преземање превентивни мерки за да се спречи евентуално ширење на заразата.

Особено се нагласува важноста децата да ги примат двете дози од МРП вакцината, која штити од мали сипаници, рубеола и заушки, согласно националниот Календар за имунизација.

Граѓаните кои пропуштиле вакцинација се повикуваат да го проверат својот вакцинален статус и да се обратат до најблискиот вакцинален пункт.

Од ИЈЗ потсетуваат дека вакцинацијата е најефикасниот начин за заштита од мали сипаници и за спречување на ширењето на болеста.

„Со навремена вакцинација ги штитиме не само сопственото здравје и здравјето на нашите најблиски, туку и целата заедница“, порачуваат од Институтот.