Поскапуваат горивата: Дизелот се покачува за шест денари, бензините за три денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поскапуваат горивата од вечерва на полноќ. Бензините поскапуваат за три денари по литар, додека дизелот се зголемува за шест денари.

„Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,88% во однос на одлуката од 13.7.2026 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување и тоа во просек: кај бензините за 9,003%, кај дизелот за 14,963%, кај екстра лесното масло за 13,200% и кај мазутот зголемувањето е за 10,686%.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1001%.

Во Одлуката на РКЕ е применета Одлуката на Владата за намалени износи на акцизите за 1,00 ден/лит кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и намален износ на акцизата за 2,00 ден/лит кај  ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V).

Од 21.7.2026 година од 00:01 часот максималните цени на  нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95                            90,00  (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98                            92,00  (денари/литар)

Дизел гориво                  ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V)                        94,00  (денари/литар)

Масло за горење               Екстра лесно 1 (ЕЛ-1)                          93,00  (денари/литар)

Мазут М-1 НС                                                                                      45,373 (денари/килограм)

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 3,00 ден/лит.

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 6,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 7,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 3,205 ден/кг и сега ќе изнесува 45,373 ден/кг.

Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.7.2026 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, стои во соопштението од РКЕ.