Владата не ги продолжи антикризните мерки за горивата и основните прехранбени продукти, со што цените забележаа драстично зголемување, што пак предизвика револт кај граѓаните. Реагираа опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците. Партијата на Мицкоски до собранискиот спикер, Талат Џафери достави барање за свикување итна седница на чиј дневен ред ќе бидат нивните предлог-закони за намалување на акцизата за горивата и укинувањето на ДДВ за основните прехранбени продукти.
Намалување на ДДВ-то од 18 на 5% и намалување на акцизата за бензинот од 22 на 15 и на дизелот од 15 на 9 денари, предложија и од Алијанса за Албанците. Велат дека очекуваат нивните предлози да бидат прифатени што поскоро со цел ублажување на цените.
Од друга страна пак, според Сојузот на стопански комори излезот од оваа криза во гледаат во зголемување на домашното производство на енергенси и прехранбените продукти. Велат дека во ситуација кога имаме „шок цени“ и недостиг, можат да се активираат и државните резерви.
Владата вчера вети дека со ребалансот на буџетот се предвидени нови антикризни мерки, но досега не предложи ништо конкретно. Велат дека со ребалансот за мерките се проектирани 76 милиони евра, уверувајќи дека нивното спроведување ќе почне во најбрз можен рок.
