Вкупно 11 пациенти биле итно примени во Ургентниот хируршки центар со повреди здобиени за време на невремето.
Според информациите што за МИА ги потврди директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџановски, тројца граѓани се здобиле со тешки телесни повреди, додека осуммина поминале со полесни повреди.
Поради сериозноста на состојбата, дел од пациентите се задржани на болничко лекување:
- На Клиниката за неврохирургија е хоспитализирана пациентка која се здобила со сериозна повреда на главата и фрактура на десната потколеница.
- На Клиниката за трауматологија е задржан маж со скршеница на левата потколеница.
- На домашно лекување, по брзата интервенција на медицинските тимови, е пуштена пациентка која поминала со скршеница на левиот рачен зглоб.
Останатите осум пациенти со полесни повреди веднаш биле медицински згрижени и се наоѓаат во стабилна состојба.
