Последниот пациент кој се лекуваше од ебола во Кенија ја напушти болницата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Последниот пациент со ебола во Кенија денеска беше отпуштен од болница, потврдија локалните власти.

Ова значи дека сите седум преживеани пациенти сега се сметаат за оздравени и дека нема дополнителни инфекции кај нивните контакти, изјави во Најроби министерот за здравство на Кенија Аден Дуале.

Вкупно, во оваа источноафриканска земја беа регистрирани девет случаи на ебола.

За Кенија да биде прогласена за слободна од ебола, мора да поминат 42 дена – што е еднакво на два циклуса инфекција – без ниеден нов случај. Доколку не бидат регистрирани нови случаи, Кенија би била прогласена за слободна од ебола на 23 декември.

За земја во која туризмот е еден од главните двигатели на економијата, ова е важна вест на почетокот на главната туристичка сезона, пренесе ДПА.

Кенија го регистрира својот прв неодамнешен случај на ебола на 6 октомври. Човекот се разболел во Демократска Република Конго, патувал по копнен пат до соседна Уганда, а оттаму со авион заминал за Кенија, каде што починал во болница.

Подоцна починала една членка на неговото семејство; таа покажала симптоми на оваа високозаразна болест во средината на октомври и во тоа време веќе била во карантин.

Во меѓувреме, епидемијата на ебола во Демократска Република Конго останува надвор од контрола во осум провинции. Нешто помалку од шест месеци откако епидемијата беше официјално објавена, здравствените власти во оваа централноафриканска земја досега имаат регистрирано повеќе од 11.000 случаи, од кои околу 5.400 беа со смртен исход.